|
Драги родители, Со голем ентузијазам ја започнуваме новата учебна година. Ова е најдобрата прилика за Вашите деца да се научат на пишување и говорење на македонскиот јазик како и на нашата вековна Православна вера. Запишување или регисрирање за новата 2009-2010 учебна година ќе се врши в недела на 13 септември, веднаш по завршувањето на Св. Литургија, а наставата ќе започне в недела на 20 септември 2009. Благословување или молитва кон Светиот Дух за отпочнување на наставата, ќе се изврши на празникот КРСТОВДЕН на 27 септември по Св. Литургија. Ве молиме, донесете ги Вашите деца Со особена почит, Тања Адамовска – Толовска Крис Моисиовски Прота Илија Донев
Веронауката е неопходна Семејството, домашната црква, е училиште за љубов, училиште за духовен растеж. Тоа треба да биде место за проповед на Евангелието на Царството Божјо, училиште кое ги запознава децата со христијанските таинства и црковното богослужение и ги подготвува за учество во нив. Децата се мало словесно стадо, кое му се дава на човекот за апостолско служење; а домашниот апостолат е труд кој не им помага само на децата да растат, туку и на родителите. Во Христијанскиот брак љубовта на мажот и на жената има самопожртвувачки карактер. Нивниот живот поминува во полна согласност, во целосна предаденост на заветите на Христа Спасителот и Неговата Света Црква. Воспитувањето на децата, пред сè, се остава на мајката. Никој не е така близок на душата на детето, како неговата мајчичка. Пред неа стои голема задача: да воспита син (или ќерка) во духот на Христијанската вера, да го научи да живее по волјата Божја, да го воспита со слово и пример, и со нежност – и со строгост. Мајката го осенува детето со крсниот знак, го учи на првите молитви: „Господи помилуј“, „Господи помагај“, „Господи запази го тато, мама, баба, бато...“. Потоа детето го учат на Господовата молитва, молитвите на Светиот Дух, Пресвета Троица, Ангелот Пазител, Пресвета Богородица и другите молитви. Во душата на детето расте жива потреба за молитва, свест за семожноста Божја, и Неговата љубов кон луѓето. Родителите на детето му раскажуваат за иконите, за храмот, за смислата на богослуженијата, одат со нив во храмот, ги причестуваат за здравје и укрепување на душата и телото. Христијанството е радосна полнота на животот во Христа. Родителите и децата во здраво и силно Христијанско семејство се духовни другари.
|