| Metropolitan Metodij |
| Written by Administrator |
| Saturday, 23 May 2009 23:33 |
Роден е во Берово на 24. 08. 1963 година. Неколку месеци подоцна семејството се враќа во Скопје откако состојбата во градот е релативно нормализирана по катастрофалниот земјотрес. Основното и средното образование ги завршува во Скопје. Потоа најпрвин две години студира на Филолошкиот факултет "Блаже Конески", на Катедрата за општа и компаративна книжевност, а потоа ги напушта овие студии и се запишува на Православниот Богословски факултет "Свети Климент Охридски" - Скоје.Отец Методиј во своите момчешки денови ја дели судбината на многумина млади луѓе израснати во атмосферата на атеизам и привидот на бесмисленост на животот. Во таква атмосфера, единствениот излез го гледа во најсуптилните потенцијали на човечката душа, нејзиното, во вистинската смисла на зборот, поетско оформување, што и го доведува до изворот на вечнодивото творење - поезијата. Првите плодови од неговото исцело свртување кон Бога тој ги реализира во рамките на дејствувањето на интермедијалната група Апореа (една од маркантните уметнички движења во осумдесеттите години на дваесеттиот век). Подоцна оваа уметничка група го менува името во Анастасија и како нејзин интегрален дел произлегува популарната музичка група со истото име. Заеничките проекти и настапи по балканските културни метрополи, како и ревносната работа во развивањето на личниот уметнички израз го трасираат патот на отец Методиј се подлабоко во сверите на литургиската уметност и литургискиот живот. Оттогаш своите христијански искуства тој непрестајно ги преточува и низ циклуси поезија и низ ликовни настапи, но првенствено низ подвигот на воцрковување. Во 1993 година од печат излегува првиот број на списанието Домострој, чиј главен и одговорен уредник е отец Методиј. Инаку, во редакцијата на Домострој, од самиот почеток соработуваат исклучително надарени млади луѓе, кои денес заземаат видни места во нашиот црковен и културен живот. Од 1993 год. до денес "ДОМОСТРОЈ" прерасна во едно од најсериозните патролошки списанија во православниот свет и издателство под чија етикета се публикувани повеќе самостојни изданија. Особено на страниците на ова патролошко списание отец Методиј се пројавува како врвен интелектуалец и одличен преведувач од црквенословенски, руски и англиски јазик (иако, за волја на вистината, неговата преведувачка дејност започнува уште многу пред тоа). Од почетокот на септември 1995 година, од основањето на машката монашка заедница во Струмичката епархија, најпрвин во манастирот "Света Богородица Елеуса" - Вељуса, а подоцна во "Свети Леонтиј" - Водоча, го започнува својот монашки живот. Во 1996 година ракоположен е за јеромонах и неколку месеци подоцна, на празникот на Светите Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици, за игумен на манастирот Свети Илија во Струмица. Во почетокот на 1998 година дипломира на Богословскиот факултет "Свети Климент Охридски" во Скопје. Набргу потоа ги запишува постдипломските студии на Катедрата за македонска книжевност и започнува да работи како редовен професор и заменик-ректор во Македонската православна богословија "Свети Климент Охридски" во Скопје. За неговата дејност како професор и педагог сведочи и Програмата за веронаука за третите одделенија, која, како негов авторски предлог, беше официјална програма по веронаука на Светиот Синод за 2003 година, прифатена од Министерството за образование и Бирото за развој на образованието. Во 2004. година произведен е во чин архимандрит, а следната 2005. хиротонисан е за епископ Велички. Во март 2006. ја брани магистерската теза под наслов "Кочо Рацин и богомилите (исчитување на традициите)" со што се стекнува со титулата магистер по филолошки науки. Истата година е назначен, најпрвин за администратор, а потоа и за надлежен митрополит на Американско-канадската македонска православна епархија. Член е на Друштвото на писателите на Македонија и на Друштвото на новинарите на Македонија. Автор е на два зборника есеи и осум збирки поезија и бројни написи и студии објавувани во стручни списанија и зборници, публикации од симпозиуми, како и во електронските медиуми кај нас и во странство. Покрај тоа главен и одговорен уредник е на списането "Православен пат", гласило на Скопската епархија. Член е на редакциите на списанието "Портал", рецензент на списанието "Православен Благовесник" на студентите од богословскиот факултет и соработник во списанието "Премин", и во електронското гласило "Премин - Портал". Учесник е во неколку меѓународни проекти и експертски комисии за истражувања врзани за религиозните права и слободи на човекот во демократските општества, веронауката во образованието, историјата на македонската духовна култура и црковната книжевност. |
| Last Updated on Saturday, 13 June 2009 01:08 |






Роден е во Берово на 24. 08. 1963 година. Неколку месеци подоцна семејството се враќа во Скопје откако состојбата во градот е релативно нормализирана по катастрофалниот земјотрес. Основното и средното образование ги завршува во Скопје. Потоа најпрвин две години студира на Филолошкиот факултет "Блаже Конески", на Катедрата за општа и компаративна книжевност, а потоа ги напушта овие студии и се запишува на Православниот Богословски факултет "Свети Климент Охридски" - Скоје.